Германската канцеларка Ангела Меркел денеска е во посета на Украина, два дена откако одржа разговори во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.
Меркел треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски како дел од нејзината „проштална турнеја“ пред нејзиното заминување следниот месец, по поминати 16 години на функцијата.
Меркел е клучен поддржувач на Киев откако Русија го анектираше украинскиот регион Крим и започна активно да ги поддржува сепаратистичките формации во делови од источна Украина во 2014 година.
Во тој конфликт загинаа повеќе од 13.000 луѓе. Меркел на прес-конференција по состанокот со Путин изјави дека ќе продолжи „да работи за територијалниот интегритет на Украина“ додека не се повлече од функцијата по изборите во Германија во септември.