Администрацијата на претседателот Џо Бајден ги предупреди американските цивилни авиокомпании дека би можеле да бидат искористени за да помогнат во транспортот на луѓе кои се евакуирани од Авганистан, пренесуваат американските медиуми.
Ројтерс цитираше официјален претставник на американската Влада под услов на анонимност, кој вели дека на превозниците им била издадена „наредба за предупредување“, со која им било кажано дека може да се искористат за евакуцаијата, но дека одлуката сѐ уште не е донесена.
Според официјалниот претставник, цивилните авиони не би летале во Авганистан, туку би превезувале евакуирани лица од воздушните бази на други локации, вклучително на Блискиот Исток и Германија.
Извештаите доаѓаат додека десетици илјади луѓе во Авганистан нервозно чекаа да видат дали САД ќе го исполнат ветувањето на Бајден за евакуација на сите Американци и сите Авганистанци кои помогнаа во воените напори во услови на влошени безбедносни услови.