Следната недела во среда или четврток ќе биде повторно отворен пункт за вакцинација во малата сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека процесот на имунизација се одвива добро на сите пунктови и дека до вчера над 650 илјади граѓани добиле барем една доза вакцина против Ковид-19, додека бројот на ревакцинирани достигнал 500 илјади.
Филипче рече дека во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ ќе има околу 20 места за вакцинација.
„Верувам дека тоа ќе ги растовари метежите и редиците што ги имаме пред здравствените домови, изјави Филипче.
Тој апелираше до граѓаните да се вакцинираат и дека има доволно количини вакцини од сите производители, наведувајќи дека нема наплив во болниците во градовите каде што е висок процентот и интересот за вакцинирање.
„Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас. Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот имунитет е потраен. Сите препораки укажуваат за што пократко време луѓето да се имунизираат“, вели Филипче.