Амбасадата на САД во Авганистан денеска издаде безбедносно предупредување, советувајќи ги американските граѓани да избегнуваат да доаѓаат на аеродромот во Кабул.
Во соопштението објавено на интернет страницата, амбасадата предупредува на „потенцијални безбедносни закани надвор од портите“ на аеродромот.
„Ги советуваме американските граѓани да избегнуваат патување до аеродромот и во овој момент да избегнуваат влегување на аеродромот, освен ако не добијат индивидуални упатства за пристигнување од американските владини претставници“, се вели во соопштението.
Амбасадата соопшти дека сите американски државјани во Авганистан кои сѐ уште не го пополниле образецот за барање на помош „треба да го сторат тоа што е можно поскоро“.
„Не јавувајте се во Амбасадата на САД во Кабул за детали или за да ги ажурирате информациите за летот. Овој формулар е единствениот начин да се изрази интерес за опциите за летови.“
Швајцарија го одложи чартер летот за Узбекистан, кој имаше за цел да помогне во евакуацијата на луѓето од Авганистан, објави швајцарското Министерство за надворешни работи.
„Безбедносната состојба околу аеродромот во Кабул значително се влоши во изминатите неколку часа. Голем број луѓе се пред аеродромот и повремените насилни судири го отежнуваат пристапот“, се вели во соопштението.
Очевидци велат дека сѐ уште владее хаос на аеродромот, бидејќи толпа луѓе се борат да стигнат до летовите, пренесува Би -Би -Си.
Авганистанци вчера се собраа на патот во близина на воениот дел на аеродромот во Кабул.
Талибанците велат дека не се одговорни за ситуацијата и ги обвинуваат западните сили дека немаат подобар план за евакуација. Тие апелираа до оние кои се без патни исправи да се вратат дома.
Американските власти оваа недела соопштија дека во Кабул останале дури 10.000 американски државјани, а американскиот претседател Џо Бајден претходно навести дека американските сили може да останат во Кабул и по крајниот рок за повлекување на 31 август, доколку е потребно да се евакуираат сите Американци.