Грција подигна дополнителен ѕид на границата со Турција

FILE PHOTO: View of a border fence between Greece and Turkey, in Alexandroupolis, Greece, August 10, 2021. Picture taken August 10, 2021.

Грција подигна ѕид долг 40 километри со ограда и надзор на границата со Турција, поради можноста за пристигнување бегалци од Авганистан, пренесува Би-Би-Си.

„Не можеме пасивно да чекаме потенцијално пристигнување“, изјави министерот за цивилна заштита Михалис Крисохоидис, додавајќи дека границите на Грција ќе останат „неповредливи“.

Неговиот коментар доаѓа откако Турција ги повика земјите од Европската унија да преземат одговорност за бегалците од Авганистан.

Во телефонски разговор со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека зголемувањето на пристигнувањата на луѓе од Авганистан може да биде „сериозен предизвик за сите“.

Грција, која е една од првите земји на ЕУ во која бегалци влегуваат од Турција, соопшти дека може да ги врати сите Авганистанци кои илегално влегуваат во земјата.

Грција пред неколку години подигна ѕид долг над 10 километри на границата со Турција, што требаше да го спречи влезот на мигрантите од турската територија. Копнената граница меѓу Грција и Турција е долга над 200 километри и главно е одредена по течението на реките.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Џозеп Борел во четвртокот на 19 август изјави дека европскиот блок има „морална должност“ да спаси што е можно повеќе Авганистанци, кои претходно работеле во канцелариите на ЕУ, но дека нема да биде можно да се извлечат сите тие луѓе.

Според извештаите на НАТО, повеќе од 18.000 луѓе одлетале откако милитантите го заземаа главниот град Кабул на 15 август.

Илјадници луѓе сѐ уште се на аеродромот, каде вооружени припадници на Талибанците апелираа до оние без патни исправи да се вратат дома.

Централната влада во Кабул во неделата на15 август потпиша капитулација и мирно им ја предаде власта на талибанските претставници, а Ашраф Гани ја напушти земјата. Талибанците тогаш објавија дека ја презеле контролата врз земјата, со која претходно владееја од 1996 до 2001 година.