Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараа за Авганистан, во услови на зголемена загриженост за нов мигрантски бран кон Европа.
Европската унија мора да им помогне на Авганистанците во Авганистан и во соседните земји, особено во Иран, инаку мигрантскиот бран ќе биде „неизбежен“, му рече Ердоган на грчкиот лидер во телефонскиот разговор на 20 август.
Ердоган вели дека ако не се донесе стабилност во Авганистан по преземањето на власта од страна на Талибанците минатиот викенд, високите миграциски притисоци ќе се зголемат и оваа ситуација ќе претставува „сериозен предизвик за секого“.
Соседите на Авганистан треба да бидат поддржани така што Авганистанците „да останат што е можно поблиску до своите домови“, вели Мицотакис, според соопштението на неговата канцеларија.
Преземањето на Авганистан од страна на Талибанците, влошената економија и долготрајната хуманитарна криза предизвикаа загриженост во Европа од повторување на миграциската криза во 2015 година, кога повеќе од милион луѓе од Блискиот Исток и од други места избегаа од војна и сиромаштијата и од Турција преминаа во Грција, пред да отпатуват на север во побогатите држави.
Во Турција има речиси четири милиони сириски бегалци и 300.000 Авганистанци, покрај мигрантите и бегалците од другите делови на светот.
Грција стана држава во првите редови за време на европската миграциска криза, иако пристигнувањата од Турција се намалија од 2016 година кога ЕУ постигна договор со Анкара да го запре протокот во замена за милијарди долари финансиска поддршка.
Ердоган честопати се жали дека ЕУ не го исполнила целосно договорот и повремено ја искористи заканата со отворање на турските граници кон Европа за да изврши политички притисок врз Брисел.
„Турција нема мисија, одговорност или обврска да биде складиште за бегалци во Европа“, рече Ердоган доцна на 19 август.