Бајден ветува дека ќе го врати дома секој Американец што сака да излезе од Авганистан

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе го врати дома секој американски државјанин кој сака да биде евакуиран од Авганистан, кој сега е под талибанска власт. Тој рече дека досега се вратени 18 илјади Американци, а 13 илјади од 14 август.

Бајден, кој се соочува со сериозни критики за начинот на повлекување на американски војници од земјата, рече дека не може да даде ветување каков ќе биде конечниот исход во Авганистан, каде што САД војуваа против исламистичката организација во изминатите 20 години.

„Направивме значителен напредок во евакуацијата на граѓани од Кабул од моето последно обраќање на 17 август“, рече Бајден денеска во Вашингтон, велејќи дека бил во контакт со лидерите на сојузничките земји, како германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон.

„Ќе ве донесеме дома“, им порача Бајден на Американците кои сè уште се во Авганистан.

Вкупно над 18 илјади луѓе полетаа од аеродромот во Кабул откако милитантите го зазедоа главниот град на Авганистан, рече Бајден, кој е под критики што не го предвидел хаотичниот егзодус кој уследи по талибанската офанзива до падот на Кабул на 15 август.

Бајден рече дека и покрај напорите, тој не може да го гарантира „конечниот исход“ од евакуацијата од Кабул.

Тој рече дека САД внимателно ги следат сите потенцијални терористички напади на или во близина на аеродромот во Кабул и оти се во постојан контакт со талибанците во врска со евакуацијата.

Илјадници очајни Авганистанци кои носат документи, деца и малку багаж го наполнија аеродромот во Кабул каде што вооружени талибанци бараат од оние кои немаат патни исправи да си заминат дома. Во и околу аеродромот беа убиени две лица, соопштија претставници на НАТО и на талибанците.