Меркел од Путин побара ослободување на Навални

Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин

Германската канцеларка Ангела Меркел, по денешните разговори во Москва, го повика рускиот претседател Владимир Путин да го ослободи критичарот на Кремљ Алексеј Навални и да го продолжи договорот за транзит на гас со Украина, кој истекува во 2024 година.

„Уште еднаш побарав од претседателот на го ослободи Навални и јасно ставив до знаење дека ќе го следиме случајот“, рече Меркел, пренесува Ројтерс.

„Разговаравме и за транзитниот договор со Украина, кој би можело и требало да се продолжи после 2024 година“, додаде таа.

Рускиот претседател ги отфрли обвинувањата на западот дека Навални е затворен поради своите политички активности и рече дека е казнет поради кршење на законот.

Навални отслужува 2,5-годишна казна затвор поради кршење на условното пуштање во случајот за проневера, кој, како што вели, е измислен. Неговите сојузници ја обвинуваат руската власт дека се повикува на законот за да ги задушат критичките гласови во пресрет на парламентарните избори наредниот месец.

По разговорите со Меркел во Москва, Путин рече дека руското општество треба да се развива наместо да се менува преку револуции.

Тој рече дека Русија планира целосно да ги исполни своите обврски за транзитот на гас преку Украина и оти Москва е спремна да го продолжи транзитниот договор со Украина и по 2024 година, но оти за тоа се потребни повеќе детали.

Путин рече дека остануваат уште 15 километри за да се заврши гасоводот Северен тек 2 кој треба да носи руски гас во Германија.

Пред состанокот, двајцата лидери рекоа дека имаат „длабоки несогласувања“ кои мора да ги решаваат на состанок „лице в лице“.

Ангела Меркел наредниот месец го завршува својот мандат и нема повторно да се кандидира.

По Русија, Меркел в недела ќе патува во Украина на разговори со претседателот Володимир Зеленски.

Покрај Франција, Германија има клучна улога во обидот за посредување во конфликтот меѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источна Украина.

Главниот критичар на Путин, Навални, беше затворен во јануари по враќањето во Москва од Германија каде што беше на лечење по труењето со советски нервен гас новичок во Сибир. Навални го обвини Путин за труењето, но власта негира.