НАТО ги повика талибанците да им овозможат на странците и на подобните Авганистанците да го напуштат Авганистан безбедно и уредно, по извештаите дека некои луѓе имале потешкотии да стигнат до меѓународниот аеродром во Кабул.
„Ги повикуваме лицата кои се на позиции со авторитет во Авганистан да го почитуваат и да го олеснат нивното безбедно и уредно заминување, вклучително и преку меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул“, се вели во заедничката изјава на членките на НАТО по денешната итна седница на Алијансата.
„Додека траат операциите за евакуација, ние ќе одржуваме тесна оперативна координација преку сојузничките воени средства на аеродромот“, се вели во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред министрите од земјите членки рече дека „главен предизвик“ на Алијансата е да им овозможи на луѓето да стигнат до аеродромот по извештаите дека милитантите „ловат“ Авганистанци кои работеле за НАТО.
НАТО во Авганистан има околу 800 цивилни претставници, меѓу нив и многу Авганистанци, но нема воен персонал на терен. Сепак, илјадници американски и војници на сојузниците продолжуваат да го штитат аеродромот во Кабул и да ги координираат летовите за евакуација, кои се ограничени од разни пречки, како проблеми со документите или пак вооружени пунктови кои ги поставуваат талибанците за да им оневозможат на луѓето да дојдат до аеродромот.
Дванаесет луѓе се убиени во и околу аеродромот од 15 август, кога талибанците ја презедоа власта во државата, во обид да се спречат некои Авганистанци да стигнат до аеродромот.
Членките на НАТО денеска одржаа вонреден виртуелен состанок за да разговараат за тековните напори за евакуација од Авганистан и да се договорат за идните односи со талибанците во услови на зголемени извештаи за насочени убиства во области кои се под контрола на милитантите. Извештаите ја поттикнаа загриженоста дека талибанците ќе го вратат Авганистан на репресивното владеење што го наметнаа кога последен пат беа на власт од 1996-2001 година.
Министрите за надворешни работи на НАТО, во заедничката изјава, наведуваат дека се длабоко загрижени за настаните во Авганистан и повикаа на итно прекинување на насилството. Исто така, изразуваат длабока загриженост по извештаите за сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права низ Авганистан. Столтенберг по состанокот рече дека „талибанците мора да ги почитуваат основните права на сите авганистански граѓани. Тој рече дека НАТО нема да дозволи повторно да се случи терористи да се закануваат од Авганистан.