Од утре ќе има лични карти

Лични карти

Од утре продолжува печатењето и издавањето лични карти, соопштуваат од Владата, откако на владина седница е одобрен подзаконскиот пропис усогласен со Законот за лична карта и со Законот за употреба на јазиците.

Според статистика на Министерството за внатрешни работи заклучно со 18 август точно 41 100 граѓани аплицирале за лични карти, а не можат да ги добијат, оти се чека на измени на Законот за лични карти, кои предвидуваа во нив да биде впишано новото уставното име.

Во меѓувреме не се издаваат лични карти по стариот закон, оти МВР направило трансфер на системот за издавање на документи.

По денешната седница, од Владата соопштија дека министерот за внатрешни работи е задолжен да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците. Со тоа треба да се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информирал дека подзаконскиот пропис ќе биде објавен во Службен весник уште денеска и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.

Поради неможноста да извадат нови лични карти многу граѓани имаа проблем да си извадат пари од банка, а проблемот дополнително се продлабочи оти државата ја чекаат попис и локални избори, па прашање беше и како ќе гласаат луѓето кои немаат важечки лични карти, а поднеле барање за нови.