Македонија ќе преземе 650 жители на Авганистан, се утврдуваат деталите

Авганистанци чекаат пред аеродромот во Кабул да ја напушат земјата

Владата до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.

Тоа го соопшти владината прес-служба по денешниот координативен состанок што се одржа во Владата во организација на премиерот Зоран Заев со сите вклучени чинители во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно население од Авганистан.

На состанокот биле разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.

Премиерот Заев, стои во соопштението, ги информирал присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

Претходно беше соопштено дека сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и оти се очекува многу скоро да пристигнат дома.

По повлекувањето на странските сили, талибанците влегоа во Кабул на 15 август и ја презедоа власта. Илјадници странски и авганистански граѓани, во страв за својот живот, го напуштија Авганистан.