Потона чамец во Атлантскиот Океан, се стравува дека загинале 52 мигранти

Илустрација: Мигранти на гумен чамец патуваат од Либија до Италија

При потонување на гумен чамец на пат од Африка до Шпанија најверојатно загинале 52 лица. Единствената жена која ја пронашле спасувачите рекла дека чамецот тргнал од Африка пред една недела со 53 мигранти, соопшти денеска шпанската спасувачка служба.

Товарен брод вчера забележал гумен чамец на надувување во Атлантскиот Океан, 225 километри јужно од шпанските Канарски Острови и ја известил спасувачката служба.

Жената им рекла на спасувачите дека чамецот тргнал од брегот на Западна Сахара и дека патниците биле од Брегот на Слоновата Коска.

Мигрантите често ги ризикуваат животите во обид да стигнат до европското тло. Меѓународната организација за миграции соопшти дека најмалку 250 мигранти загинале на пат до Канарските Острови во првите шест месеци од 2021 година.