Туристичко угостителска комора- за 30 отсто намален прометот поради ковид мерките

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Драстично е намален прометот на угостителите откако стапија во сила најновите мерки за заштита ковид и изнесува помалку од 30 отсто во однос на изминатите недели, соопштија денеска од Туристичко-угостителска комора. Потпретседателот на Туристичко-угостителска комора Мартин Ангеловски рече дека бараат измени на донесените мерки.

„Сметаме дека треба да се создаде можност за влез во објекти и за лицата кои прележале ковид-19 во изминатите шест месеци или кои ќе приложат резултат од негативен ПЦР тест или антиген тест. На тој начин повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот“, рече Ангеловски.

Ана Марија Алексова, член на комората, презентираше дополнителни барањата кои се однесуваат на секторот туризам. Поконкретно, таа побара поинакви можности за предвидената седумдневна изолација.

„ Во овој дел бараме изолацијата да може да биде прекината по приложен негативен тест. Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини да се земат документ за самоизолација, а истата да може да биде прекината со приложување на негативен PCR тест или антиген тест уште во наредните 24 часа“, истакна Алексова.

Дополнително Алексова вели дека е потребно и да има можност во меѓуграничните зони да се прават тестови за ковид кои би биле по достапни цени, а да има и можност за влез во државата со негативен антиген тест кој може да се купи во аптека.

На 17 август владата донесе одлука за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, во затворени трговски центри, обложувалници и казина граѓаните да морат да приложат сертификат за вакцинација или за прележан ковид во последните 45 дена. Во однос на граничните премини од први септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат доколку претходно на граничниот премин приложат сертификат за вакцинација со примени најмалку две дози или сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, како и негативен тест направен 72 часа пред влез во земјата. За македонските државјани кои ќе се враќаат во земјата по први септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан Ковид-19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.