Царовска- нема потреба од паника за наставата со физичко присуство

Министерката за образование и наука Мила Царовска

Нема потреба од ширење паника и неточни информации зашто Министерството за образовани и наука и Министерството за здравство дневно ја следат состојбата и доколку добиеме препорака за промена, во истиот момент ќе бидеме спремни да промениме се што ќе ни биде кажано, изјави денеска министерката Мила Царовска, повторувајќи дека од први септември училиштата ќе бидат отворени за сите ученици и дека тоа е прво и најпосакувано од трите сценарија за почеток на новата учебна година.

Во одговор на прашање дали ќе се ревидира одлуката поради континуираниот пораст на новозаразени со коронавирус, таа рече дека се следат препораките од здравствените власти и одлуката на Владата и Главниот кризен штаб, а моделот на настава ќе се смени ако Комисијата за заразни болести утврди да има потреба.
Второто сценарио е хибриден модел – наизменично една недела едни ученици во училница, а половина од паралелката – онлајн и третиот модел, како лани – физичко присуство за една група ученици, а за друга во континуитет наставата да биде на далечина.

„Најнепосакувано е второто и третото сценарио. Како што препорачуваат и од УНИЦЕФ и ОЕЦД и сите други земји кои се поразвиени од нашата, физичкото присуство е најпосакувано и најсоодветно и ние се подготвуваме за овој модел на настава, согласно препораките и на Кризниот штаб и одлуката на Владата. Во даден момент, доколку Комисијата за заразни болести утврди дека треба да го менуваме моделот, ние сме подотвени за сите три сценарија“, рече Царовска при посетата на ОУ „Климент Охридски“ во Драчево каде што денеска беше претставена мобилна станица за миење раце донација од УНИЦЕФ преку УСАИД.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани рече дека е најдобро за учениците училиштата да бидат отворени и што подолго да останат отворени и дека за заштита од вирусот ќе важат истите антиковид-мерки што важат и за целата заедница.

„Планот е да почнеме со 100 отсто ученици да се вратат во училишните клупи, а понатаму ќе видиме. Она што е најдобро за заедницата е најдобро и за училиштата. Мерките што важат за сите, треба да важат и за училиштата. Треба да се трудиме вирусот да биде настрана од цела заедница, не само од училиштата“, рече Ди Џовани.

Владата неделава донесе одлука од први септември наставата во училиштата да се одвива со физичко присуство според утврдени протоколи. Деновиве пак секојдневно бројки на новозаразени со ковид19 растат, па во моментов активни се над 8500 случаи.