Од утре почнува увидот во Избирачкиот список за локалните избори

Илустрација- гласање на предвремени парламентарни избори кои се одржаа во 2020 година

Јавниот увид на Избирачкиот список за локалните изборите што ќе се одржат на 17 октомври ќе започне утре и ќе трае до 9 септември. Тогаш Државната изборна комисија (ДИК) на увид ќе ја стави новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.

Во овој рок граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.

Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до први октомври.

Граѓаните своите податоци во Избирачкиот список можат да ги проверат преку веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК) – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/. Во меѓувреме, од 16 август тече собирањето потписи за поднесување на независни кандидатски листи. Собирањето потписи во подрачните канцеларии на ДИК ќе трае до 30 август во 24:00 часот.