Собири на Денот на независноста на Авганистан

Собири за одбележување на Денот на независноста, Џалалабад, 19 август.

Талибанците пукале врз Авганистанци кои го вееле националното знаме за да го одбележат Денот на независноста на земјата, велат очевидци. Во неколку градови во Авганистан граѓани излегле на улиците и вееле знамиња. Во источниот град Асадабад, сведок за Ројтерс изјавил дека талибанските борци пукале врз демонстрантите кои вееле тробојни национални знамиња на собирот на Денот на независноста, при што загинале неколку луѓе.

Не е јасно дали жртвите се од пукањето или од стампедото предизвикано од истрелите.

Талибанските претставници не беа достапни за коментар.

Претходно талибанците рекоа дека сакаат мир и инклузивна влада, во рамки на вредностите на исламот.

На интернет се појави видео од друг собир во провинцијата Нангархар, на кое наводно е прикажан демонстрант со прострелна рана, а луѓе се обидуваат да го однесат.

Собири на граѓани имало и во Кабул, источниот град Џалалабад, како и провинциите Пактија и Кунар, но нема извештаи за насилство.

„Нашето знаме е нашиот идентитет“, извикуваат мажи и дел жени, додека го вејат националното знаме во главниот град, покажува видео клип објавен на социјалните мрежи.

Денеска улиците во главниот град беа главно мирни, а низ градот се шетаат вооружени борци или се движат со возила. Продавниците повторно почнаа да се отвораат, но банките и владините канцеларии останаа затворени.