Грција не сака повторно да ги живее сцените со мигрантите од 2015 година

Мигранти на грчкиот остров Лезбос.

Грција нема да толерира никаква инструментализација на ситуацијата во Авганистан и нема да дозволи да се повтори 2015 година во мигрантското прашање, рече денеска портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, на редовниот брифинг со новинари.

Грчката влада по прашањето за Авганистан и евентуален нов мигрантски бран своите активности ќе ги усогласи со Европската унија, рече владиниот портпарол. Тие побарале од ЕУ да се формира заеднички став и да постои заедничко справување доколку дојде до хуманитарна криза.

„Исто така, побаравме јасно да им биде ставено на знаење и на трети земји и на Турција дека нема да се толерира никаква инструментализација на конкретната ситуација“, додаде Иконому.

Тој вели дека силите будно ги следат сите влезни точки во државата.

„Сигурно е дека нема да дозволиме земјата да живее сцени од 2015 година, ниту на островите, ниту на другите влезни точки, ниту на автопатите, ниту на железничките линии, ниту во урбаните средини“, рече портпаролот на грчката Влада. додавајќи дека Грција нема повторно да биде простор во кој секој ќе прави што сака.

Грција беше првата земја на таканачената Балканска мигранстка рута во 2015 и 2016 кога бегалци од Сирија, но и од други земји доаѓаа на европско тло, а понатаму продолжуваа за развиените земји во ЕУ.