Британија, Франција и Германија загрижени што Иран го забрза збогатувањето ураниум

Машини за центрифуга во објектот Натанц каде се збогатува ураниум

Велика Британија, Франција и Германија, кои се земји потписнички на Договорот за нуклеарната програма на Иран, изразија сериозна загриженост дека Техеран го крши договореното во 2015, односно го забрза збогатувањето ураниум.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во извештајот до земјите -членки соопшти дека Иран збогатува ураниум до 60 проценти чистота користејќи втора каскада на центрифуги во неговиот нуклеарен објект Натанц. Во мај, МААЕ со седиште во Виена наведе дека Иран користи само една каскада за збогатување до 60 проценти чистота. Доколку ураниумот е збогатен на деведесет проценти се смета за оружје, иако се потребни други технички чекори за да се создаде нуклеарна бомба.

Во заедничката изјава на трите држави се наведува дека нивните влади се сериозно загрижени по најновите извештаи на МААЕ.

МААЕ, исто така, на 16 август соопшти дека Иран произвел 200 грама ураниум метал збогатен до 20 проценти. Металот од ураниум може да се користи за изградба на јадрото на нуклеарна бомба.

Според нуклеарниот договор од 2015 година Техеран се обврза да не произведува ураниум метал.

Иран на 18 август го потврди извештајот на МААЕ за проширеното производство на ураниум до 60 проценти чистота, велејќи дека нивната акција е одговор на тоа што не се спроведува нуклеарниот договор и на санкциите на САД.

„Иран без одлагање мора да ги прекине активностите што го прекршуваат Договорот“, се вели во заедничката изјава на трите европски сили.