Европската комисија го усвои дигитален сертификат на Македонија и истиот го смета за еквивалентен на дигиталниот сертификат на ЕУ, соопштуваат од Министерството за здравство. Од таму велат дека ние сме прва земја во регионот за која сертификатите за ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на дигиталниот сертификат на ЕУ.
Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки.
„Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против ковид-19 одобрени од ЕУ“, велат од Министерството.
Со оваа одлука се гарантира дека сертификатите за ковид-19 издадени од С. Македонија ќе се сметаат за исти со дигиталниот сертификат на ЕУ за ковид-19, а Македонија официјално е поврзана со системот на ЕУ со сертификатот за ковид-19. Оние кои имаат сертификати од Македонија за примени вакцини што се одобрени од ЕУ ќе може да ги користат овие сертификати под истите услови како и носителите на ЕУ дигиталниот сертификат за вакцинација.
Од Европската медицинска агенција (ЕМА) признаени вакцини се АстраЗенека, Бионтек/Фајзер, Џонсон и Џонсон и Модерна.