Заев: Ако не се донесе законот, постои можност за гласање и со истечена лична карта

Зоран Заев

За жал, Законот за лични карти е блокиран од Левица со амандмани, иако Беса беше флексибилна да го поднесе амандманот со одложено дејство од 2023 година. Но, Левица заклучи да го блокира и со таа блокада, патат, плачат и трпат граѓаните, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој информира дека преку 40 илјади лични карти не се издадени, а се поднесени барања, некои од нив првпат.

„Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на Парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората работа е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат начин, со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа, затоа што граѓаните може да гласаат и со лична карта и со пасош. Но, сите немаат пасоши“, изјави Заев.

Тој изрази уверување дека за да се заокружи правото на граѓаните да гласаат ќе се изнајде решение, затоа што, како што рече, во пракса и во минатото со истечена лична карта заради неможноста да се издаде лична карта или од распишувањето на изборите кога е истечена личната карта, се даваше можност да можете и со истечен рок на важење на ваквите лични документи да се гласа.

Според Заев, проблемот е посуштествен, не е само за изборите. Тој вели дека голем дел од банките, не ги ставаат во функција трансакционите сметки со истечена лична карта, па граѓаните не можат да земат пензија, социјална помош, а некои имаат здравствени потреби што се врзани со личната карта или со трансакционата сметка или други потреби.