Хезболах: Ирански танкер со гориво кон Либан и покрај американските санкции

редици за гориво во Бејрут, 2021

Лидерот на проиранскиот либански Хезболах, Хасан Насрала, денеска објави дека ирански танкер со гориво ќе исплови за Либан за неколку часа, предупредувајќи ги Соединетите Држави и Израел да не го пресретнуваат.

Според Асошиејтед прес (АП), испораката била организирана од Хезболах, што претставува кршење на американските санкции воведени против Техеран, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја од нуклеарниот договор меѓу Иран и големите сили пред три години.

Во своето телевизиско обраќање Насрала објави дека по танкерот со дизел и други бродови ќе пловат со цел да се ублажи неколкунеделниот парализирачки недостиг на гориво во Либан.

Тој не кажа како Либан ќе плати за горивото, но во претходните говори најави дека на Техеран може да му се дадат либански фунти. Локалната валута загуби повеќе од 90 проценти од својата вредност од почетокот на економската криза во октомври 2019 година.

Лидерот на Хезболах оцени дека Западот воведе необјавена блокада за Либан, што ја предизвика сегашната криза. Хезболах и неговите сојузници ги обвинуваат САД и некои арапски држави од Заливот дека го казнуваат Либан за воените активности на шиитската организација во други земји, вклучително и Сирија и Ирак.

Во меѓувреме соседна Сирија го обвини Израел за мистериозни напади врз танкери со нафта што пловеа од Иран во Сирија во текот на минатата година.

Либанците со недели чекаат во долги редови за да наполнат гориво со резервоарите на нивните автомобили. Недостатокот на дизел влијаеше на затворањето на илјадници приватни генератори, што пак доведе до недостиг на леб. Некои болници предупредија дека пациентите може да умрат бидејќи нема дизел.