Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел изјави дека случувањата во Авганистан се „катастрофа и кошмар“ и дека се случил неуспех во разузнавањето, бидејќи не се очекувало талибанците да се вратат на власт.
Во обраќањето пред Европскиот парламент, Борел изјави дека првата група од 106 членови на персоналот на ЕУ била префрлена со авион од Авганистан во Шпанија, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека околу 400 Авганистанци кои работеле со ЕУ и членови на нивните семејства се евакуирани во Европа, но дека уште 300 се обидуваат да влезат на аеродромот во Кабул.
Борел додаде дека европскиот блок има „морална должност“ да спаси што повеќе Авганистанци кои порано работеле во канцелариите на ЕУ, но дека нема да биде можно да се извлечат сите тие луѓе.
- Талибанците го блокираат пристапот до аеродромот во Кабул
- Земјите на ЕУ треба да примат повеќе Авганистанци
Претходно, комесарот за економија на Европската унија, Паоло Џентилони изјави дека Европа мора да воспостави хуманитарни коридори со цел да прифати бегалци од Авганистан, но и да избегне неконтролирана миграција.
Некои земји од ЕУ, како што е Грција, веќе објавија дека не можат да станат влезна точка кон ЕУ за Авганистанците кои бегаат од конфликтот во нивната земја.
Брзината со која талибанските сили го окупираа Авганистан, додека американските и другите страни се повлекоа по 20 години војна, доведе до хаотични сцени на аеродромот со дипломати, странски државјани и Авганистанци кои се обидуваа да избегаат, но беа попречени од контролните пунктови и огромната гужва.