ЕУ ја осуди Белорусија за „агресивно однесување“ на границата

илустрација, мигранти во Литванија

Европската Унија го осуди како што го нарече „агресивното однесување“ на Белорусија, обвинувајќи ја земјата за „директен напад“ поради испраќањето баратели на азил преку границата со земјите од блокот. Министрите за внатрешни работи на ЕУ соопштија дека Белорусија се обидува да ги „инструментализира човечките суштества за политички цели“ по вонредниот состанок на 18 август, на кој се разговараше за алармантната ситуација поради илегалните гранични премини во Летонија, Литванија и Полска.

„Ова агресивно однесување е неприфатливо и претставува директен напад насочен кон дестабилизација и притисок врз ЕУ. Европската Унија ќе треба дополнително да го разгледа својот одговор на овие ситуации со цел да ја зголеми својата ефикасност и да ги спречи сите идни обиди за инструментализација на илегалната миграција на овој начин “, се вели во соопштението од ЕУ.

Досега годинава, повеќе од 4.100 баратели на азил, повеќето од Ирак, илегално преминале од Белорусија само во Литванија, но Летонија и Полска, исто така, бележат зголемување на мигрантите што ја минуваат границата од Белорусија.

Полска соопшти дека распоредила речиси 1.000 војници на границата со Белорусија за да им помогне на граничарите да се справат со напливот на мигранти, а Литванија испрати дипломатска нота до Минск во која изрази силен протест против уништувањето на литванската граница од белоруските офицери.