За Македонците условите за влез во Грција остануваат исти до 27 август

илустрација

Досегашните правила за влез во Грција, кои важат и за државјаните на Северна Македонија, а се однесуваат на документ поврзан со Ковид-19 и пополнет PLF формулар, продолжени се до 27 август 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а утрово стапи во сила, Северна Македонија и понатаму е на листата трети земји, за кои не важи забраната за влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини, а за патување кај јужниот сосед потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар.

Како и досега, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат четири опции во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19.

Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација. Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно.

Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна. Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.

Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.