Бајден: нема начин да се излезе од Авганистан „без да настане хаос“

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден во своето прво интервју откако Талибанците го зазедоа Кабул изјави дека „хаосот“ бил неизбежен откако САД одлучија да го напуштат Авганистан по две децении војна. Бајден за Еј-Би-Си Њуз рече дека не знае како американските сили можеле да излезат „без да настане хаос“, како што беше на аеродромот во Кабул во последните денови. Западните држави се обидуваат да извлечат илјадници дипломати, цивили и Авганистанци, откако Талибанците ја презедоа контролата над главниот град по блиц-офанзивата.

Истрели во Кабул, талибанците растурија протест во Џалалабад

Бајден рече дека Талибанците соработуваат во помагањето на Американците и државјаните на сојузничките земји да излезат од земјата, но „имало уште потешкотии“ во евакуацијата на авганистанските државјани кои ѝ помогнаа на меѓународната мисија и на други кои се сметаат за изложени на ризик под талибанска власт.

Мрачни оценки за американските 20 години во Авганистан


Тој рече дека американските сили може да останат во Кабул и по крајниот рок до 31 август, доколку е потребно за евакуација на американските граѓани. Претходно, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека околу 4.500 американски воени лица се на аеродромот во Кабул и дека „немало непријателски интеракции со Талибанците и оти комуникацијата со талибанските команданти останува отворена“.