ЕУ и 20 други земји ги повикуваат новите авганистански власти да ги почитуваат правата на жените

загриженост за авганистанските жени и девојки и нивните права

Европската унија, Соединетите држави и уште 19 земји изразија длабока загриженост за авганистанските жени и девојки и нивните права на образование, работа и слобода на движење. Во заедничката изјава што ја потпишаа, 20 држави и Унијата се повикуваат „лицата на позиција и моќ“ низ Авганистан да гарантираат заштита на тие права на жените и девојчињата, соопшти Советот на ЕУ. „Жените и девојките од Авганистан, како и сите Авганистанци, заслужуваат да живеат безбедно и достоинствено. Сите форми на дискриминација и злоупотреба мора да се спречат. Ние во меѓународната заедница сме подготвени да им обезбедиме хуманитарна помош и поддршка за да се осигураме дека нивните гласови можат да бидат слушнати“, се вели во заедничката изјава.

Талибанците се вратија, што натаму?

Заедно со ЕУ и САД, изјавата ја потпишаа и Албанија, Северна Македонија, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Меѓу потписниците се Аргентина, Бразил, Чиле, Колумбија, Парагвај, Еквадор, Костарика, Ел Салвадор, Хондурас, Гватемала и Сенегал. Тие држави изјавија дека „внимателно ќе следат како секоја идна влада ги обезбедува правата и слободите што станаа составен дел од животот на жените и девојките во Авганистан во последните 20 години“.

Владата преземала обврска за прифаќање на 450 Авганистанци

Авганистанските талибанци минатата недела насилно ја освоија речиси целата територија на земјата. Талибанците тврдат дека се промениле и нема да воведат драконски ограничувања на правата и слободите како во првиот период од нивното владеење, од 1996 до 2001 година, кога ги укинаа правата на жените и извршија јавни егзекуции. И покрај ветувањата, многу Авганистанци не им веруваат и се обидуваат да ја напуштат земјата.