Во авганистанскиот главен град Кабул се слушаат истрели од огнено оружје, а некои милитанти насилно го прекинаа протестот во источен Авганистан, додека меѓународната заедница ги набљудува акциите на талибанците за да видат дали ќе го исполнат ветувањето дека ги напуштиле бруталните кршења на човековите права.
Стотици луѓе се качија во авиони и ја напуштија земјата и денеска во акцијата на американските и британските војници за масовна евакуација на луѓето, претежно на оние кои работеле за силите предводени од САД во последниве две декади.
По офанзивата во која го освоија и главниот град Кабул и падна владата поддржана од западните земји талибанците вчера соопштија дека сакаат мир и инклузивна влада во согласност со вредностите на Исламот. Тие повикаа да нема одмазда кон противниците и да се почитуваат правата на жените во согласност со исламските закони.
Како и да е, во видео снимки се гледа како некои милитанти камшикуваат луѓе кои се обидуваат да поминат низ толпата за да стигнат до аеродромот во Кабул, а во позадина се слушаат истрели. Претставник на НАТО алијансата за агенцијата Ројтерс рекол дека 17 луѓе се повредени денеска во стампедо на аеродромот.
Милитантите исто така денеска го растурија протестот во источниот град Џалалабад. Талибанците пукаа кон демонстрантите кои на градскиот плоштад го поставија државното знаме на Авганистан, ден пред Денот на независноста со кој се одбележува крајот на британското владеење со земјата во 1919 година. На видео снимките се слушаат и пукања. Ројтерс повикувајќи се на очевидци јавува дека три лица се убиени во насилствата, додека агенцијата Асошиејтед прес јавува дека е убиено едно лице, а шест се повредени.