Околу 10 отсто од новите случаи со коронавирус се вакцинирани

Министерот за здравство Венко Филипче

Околу 10 проценти од случаите кои се дијагностицираат дневно, како и околу 10 отсто од хоспитализираните пациенти со ковид-19 се вакцинирани. Само мал дел од вакцинираните се заболени, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

„Главниот проблем е во бројот на граѓани кои не се вакцинирани. Воопшто немаме проблем со тие кои се вакцинирани, и во другите земји заболуваат, меѓутоа за 20 пати е помал ризикот од смртен исход ако заболи некој кој е вакциниран“, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста по повод Денот на Армијата.

Тој рече дека и денеска ќе има околу 1000 нови случаи на коронавирус, како вчера.

Министерството за здравство претходно соопшти дека заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 612.391 граѓани. Министерството информира дека во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација.
Прва доза вакцина вчера примиле 11.732 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.427 граѓани.

Досега, во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.

„Со последните бројки, 68 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 66 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 62 проценти од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, наведува Министерството.

Вакцинирањето се одвива без закажување во вакциналните пунктови низ државата, додека теренската вакцинација се одвива со ротации на медицинските екипи во секое село, рурално населено место и населба. За вакцинирање на децата мора да се закаже термин преку сајтот vakcinacija.mk.