Американското надзорно тело за Авганистан објави мрачен портрет на дведецениската интервенција на САД во Авганистан, велејќи дека американските администрации постојано го „потценувале“ времето потребно за обнова на земјата и не го разбрале контекстот во Авганистан за време на најдолгата американска војна.
Во извештајот објавен доцна синоќа, Специјалниот инспектор за обнова на Авганистан (СИГАР) заклучува дека американската интервенција во земјата имала „светли точки“ како намалената смртност кај децата, зголемување на бруто домашниот производ и зголемување на стапката на писменост.
Но, исто така, се поставува прашањето дали овие придобивки се „пропорционални“ со потрошените 145 милијарди долари во изминатите 20 години во обидот за обнова на Авганистан за да биде одржлива демократијата по заминувањето на американските сили.
Оценката доаѓа во момент кога илјадници цивили очајно се обидуваат да го напуштат Авганистан откако талибанските милитанти го зазедоа главниот град Кабул и ја соборија владата на 15 август, само неколку дена пред последните американски војници да ја напуштат земјата.
„Ако целта беше да се обнови и да се остави зад себе самоодржлива земја кога ќе претставува мала закана за американските национални безбедносни интереси, целокупната слика е мрачна“, наведува специјалниот генерален инспектор Џон Сопко во извештајот.
Во документот „Што треба да научиме: Лекции од дваесетгодишната реконструкција на Авганистан“ се дефинираат седум области на неуспех на американската вклученост во Авганистан, вклучувајќи и недостиг на кохерентна стратегија за она што Вашингтон се надеваше да го постигне.
Меѓу другото, во извештајот се наведува дека американската влада „не го разбрала авганистанскиот контекст“ од социјален, културен и политички аспект.