Владата на денешната редовна 99-та седница ги донесе најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението од Ковид- 19, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести. Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжителна е вакцинација или сертификат за прележан ковид во последните 45 дена.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите. Дополнително, во сите угостителски објекти, задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на Ковид-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица. Мерките од утре стапуваат на сила.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.
Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат сертификат за вакцинација со примени најмалку две дози или сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, како и негативен тест направен 72 часа пред влез во земјата.
За нашите граѓани, според соопштението, кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан Ковид-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
На предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести, на денешната седница е донесена одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.