ЕУ ќе соработува со Талибанците доколку ги почитуваат човековите права

Високите претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.

ЕУ ќе соработува со авганистанската влада по враќањето на Талибанците на власт, ако ги почитуваат основните права, вклучително и правата на жените, и ја спречат употребата на територијата на Авганистан од страна на терористите, изјави денеска шефот за надворешна политика на Унијата, Жозеп Борел.

Тој го изнесе ставот на ЕУ по итниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија на кој се разговараше за брзото заземање на Талибанците на авганистанската престолнина Кабул. ЕУ за да се справи со „влошената хуманитарна ситуација во Авганистан“, како што рече тој, ќе продолжи да дава помош за авганистанскиот народ.

„Соработката со која било идна авганистанска влада ќе биде условена со мирно и инклузивно решение и почитување на основните права на сите Авганистанци, вклучително и жени, младинци и лица кои припаѓаат на малцинствата, како и почитување на меѓународните обврски на Авганистан, посветеност во борбата против корупција и спречување на употреба на територијата на Авганистан од терористички организации “, се вели во соопштението.

Борел ги повика сите актери да дозволат безбеден и непречен пристап за хуманитарна помош на авганистанските жени, мажи и деца, вклучително и на големиот број внатрешно раселени лица.

„ЕУ ги повикува Талибанците да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право во сите околности. ЕУ, исто така, ќе ги поддржи соседите на Авганистан во справувањето со зголемениот прилив на бегалци и мигранти кој се очекува“, додаде тој.

Борел рече дека приоритет на ЕУ е евакуација на персоналот на ЕУ и на авганистанските помошници од Кабул.

„Мораме да стапиме во контакт со властите во Кабул. Талибанците ја добија војната, затоа ќе мора да разговараме со нив“, рече тој на прес-конференција по состанокот.

Започнувањето дијалог наскоро беше неопходно за да се спречи потенцијална миграциска катастрофа и хуманитарна криза, рече Борел.