Столтенберг: Талибанците да не го претворат Авганистан во засолниште за терористи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги предупреди Талибанците дека не можат да дозволат Авганистан уште еднаш да стане почва за тероризам, откако милитантите ја презедоа власта во земјата.

„Оние кои сега ја преземаат власта имаат одговорност да се осигураат дека меѓународните терористи нема да го повратат своето место“, рече Столтенберг на прес -конференција во Брисел.

Тој истакна и дека иако НАТО ги повлече своите сили од Авганистан, Алијансата ќе остане на штрек за тоа дали терористичките групи се прегрупираат таму и дали би можеле да нападнат од далечина.

Столтенберг рече дека Алијансата бил изненадена од брзината на победата на талибанците, но ги обвини авганистанските лидери за „трагедијата“, со што ја повтори изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дадена еден ден претходно.

"Дел од авганистанските безбедносни сили се бореа храбро. Но, тие не беа во можност да ја обезбедат земјата, бидејќи на крајот авганистанскиот политички врв не успеа да им се спротистави на талибанците и да го постигне мирното решение што Авганистанците очајно го сакаа. Овој неуспех на авганистанското раководство доведе до трагедијата на која сме сведоци“, додаде Столтенберг, истакнувајќи дека целта на НАТО е да помогне во изградбата на одржлива држава, а не да одржува постојано присуство таму.

Авганистанска новинарка плачејќи изрази страв за ситуацијата на жените во земјата и го молеше НАТО да не ги признае Талибанците, што го натера Столтенберг да вети дека Западот ќе се обиде да ја повика групата на одговорност за почитување на човековите права.