Меркел со критика до Белорусија за поткопување на безбедноста на ЕУ

Германија повторно го обвини Минск дека ги користи бегалците како политичкa алаткa, бидејќи Европската Унија вети дека ќе ја зајакне границата на блокот со Белорусија за да го спречи напливот на илегални премини.

Во последните месеци Литванија бележи наплив на претежно ирачки мигранти кои од соседна Белорусија преминуваат во земјата членка на ЕУ. Во изминатите недели Летонија и Полска беа сведоци на сличен бран, што ги натера властите во земјите -членки на ЕУ да ја зајакнат граничната безбедност.

Полска, балтичките држави и претставници на ЕУ соопштија дека мигрантските текови се оркестрирани од Минск во знак на одмазда за санкциите поради мерките на Владата врз продемократското движење во земјата по спорните претседателски избори во август 2020 година.

Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко „користи бегалци, на пример од Ирак, на хибриден начин за да ја поткопа безбедноста“, рече германската канцеларка Ангела Меркел на прес -конференција со естонскиот премиер во Берлин, во услови на зголемена загриженост во ЕУ дека уште илјадници мигранти ќе бараат да влезат во блокот по заземањето на власта од страна на талибанците во Авганистан.

"Ние одблизу се координираме со нашите европски партнери за се. Исто така, ќе се обидеме да заземеме заедничка позиција бидејќи овој хибриден начин на конфронтација, кој што го користи Белорусија, е напад врз сите нас во Европската унија", рече Меркел.

Во нацрт -изјавата на вонредниот самит на министрите за внатрешни работи на ЕУ се наведува дека блокот е подготвен да обезбеди дополнителни граничари и средства за справување со напливот на мигранти на границата меѓу Литванија и Белорусија.