Владата соопшти денеска дека продолжува со интензивна координација со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации во рамки на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање и спасување на авганистанското цивилно и миротворно население.
„Во овој момент Владата има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија“, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Според Владата, најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ).
Владата, како што се наведува, донела одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, се до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.
„Граѓаните од Авганистан ќе пристигнат со прецизно организирани авионски летови, истите се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти, тие нема да бидат сместени ниту во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци. На Северна Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури“, се додава во соопштението.
Од Владата посочуваат и дека „никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации, како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти“.
Македонските граѓани, според Владата, кои беа регистрирани на аеродромот во Кабул се качени на воените летови и трансферирани во Доха (Катар) и Абу Даби (Дубаи).
„Сите наши граѓани се на безбедно, а дипломатската мрежа на Министерството за надворешни работи во овие земји е во директен контакт и тие наскоро продолжуваат кон Скопје“, истакнуваат од Владата.
Во воената база на Кабул останале 14 македонски државјани од кои 11 денеска ќе бидат трансферирани на аеродромот за да бидат евакуирани во текот на денов, а останатите тројца подоцна ќе ја напуштат земјата.