Полската влада најави дека ќе откаже од планираните дисциплински мерки за судиите по бурните реакции на земјите од Европската Унија. На владината веб страница денеска беше објавено дека Полска ја информирала Унијата дека се откажува од најавените реформи во Врховниот суд со кои беа предвидени мерки за дисциплинирање на судиите. Ова се случува еден ден по истекот на рокот кој ЕУ и го даде на Полска.
Минатиот месец, Европскиот суд на правдата предупреди дека Советот во полскиот Врховен суд кој требаше да го врши дисциплинирање на судиите може да се искористи „за да изврши политичка контрола врз судските одлуки или за да изврши притисок врз судиите“.
„Полска ќе продолжи со судските реформи, вклучително и во областа на одговорноста на судиите, за да ја подобри ефикасноста на овој систем. Во овој контекст се објавени и планови за распуштање на Дисциплинскиот совет во Врховниот суд“, се вели во писмото до Европската комисија.
Европската комисија соопшти дека го добила одговорот на Полска и дека го разгледува писмото. Долготрајниот спор околу судските реформи во Полска се вжешти во последните месеци, при што Брисел се закани со финансиски казни доколку Варшава не ги исполни обврските.