Грција нема да биде влезна порта кон Европа за бегалци и мигранти, порача денеска грчкиот министер за миграција и азил Нотис Митаракис. Тој во интервју за грчка телевизија изјави дека треба да се избегне голем мигрантски бран од Авганистан. Митаракис истакна дека потребни се заедничка европска реакција и европско решение и „не може да имаме милиони луѓе да заминат од Авганистан и да дојдат во Европската Унија преку Грција“.
„Ние, од наша страна јасно кажавме дека не сакаме и не можеме да бидеме порта за влез во Европа на мигрантите и бегалците кои може ќе се обидат и ќе сакаат да дојдат во Европската Унија и затоа решението треба да биде заедничко и европско решение. Ние не можеме и не сакаме да го живееме она што го живеевме во 2015 година“ изјави Митаракис.
Тој објасни дека сега Грција е фокусирана на три точки. Првата е строго чување на границите, втората е одлуката на Атина од пред два месеци според која Турција е одредена како безбедна земја за оние кои доаѓаат од Авганистан и последната точка е предлог за заедничка европска реакција.
- Македонците се евакуираат од Кабул- поделби за приемот на Авганистанци
- Заев: Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан
„Подготвени бевме за веројатна криза во Авганистан, која на крај дојде многу побрзо од она што го очекуваа меѓународните експерти, но подготвени сме, се надеваме дека ќе успееме да не го живееме она што го живеевме во изминатите години“ вели тој.
Лидерот на Сириза Алексис Ципрас, преку неговиот официјален Фејсбук профил за состојбата во Авганистан рече дека единствено решение е динамична регионална иницијатива на ОН.