МЗ: Значително голем интерес за вакцинација, аплицирани 18.877 вакцини

Вакцинација во Скопје. Илустрација.

Од Министерството за здравство информираа дека во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните.

„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 599.716 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.049 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 18.877 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.079.049 дози вакцини, а ревакцинирани се 479.333 граѓани“, се наведува во соопштението.

Со последните бројки 68 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 65 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 61 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 51 процент од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.

„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата“, додаваат од министерството.

Од вчера во државата стапија на сила новите мерки за спречување на ширењето на Ковид-19. Зновите мерки се однесуваат на кафулињата и рестораните според кои не може да се добие услуга доколку гостите не поседуваат сертификат за примена вакцина против ковид-19 или потврда за прележан ковид во изминатиот месец и пол. Затворените делови од угостителските објекти од денеска не се во функција.