Талибанците најавија „општа амнестија“

Воен американски авион за евакуација од Кабул

Талибанските претставници денеска најавија општа „амнестија“ за сите во Авганистан, бидејќи во земјата постои страв од одмазда од милитантите по евакуацијата со воените летови на дипломати и цивили од меѓународниот аеродром во Кабул, еден ден откако поради хаотичните сцени во објектот беа прекинати операциите за евакуација.

Кабул беше последниот голем град во Авганистан што се спротивстави на офанзивата на Талибанците, која се забрза во рок од неколку дена, бидејќи тие брзо ја освоија контролата врз многу делови од државата. Талибанските милитанти ја презедоа контролата врз безбедноста на градот и можат да се забележат како патролираат низ улиците и плоштадите, кои останаа главно празни со малку сообраќај. Големите пазари и трговските центри се затворени, но луѓето добиваа резерви од некои продавници за храна.

Политиката на САД под оган за падот на Авганистан во рацете на Талибанците

Во услови на стравувања дека оние кои работеле за владата или организации поддржани од западните земји може да се соочат со прогон од талибанска власт, новинската агенција АФП цитира изјава на претставници на талибанската група во која се вели дека е издадена општа амнестија за сите владини претставници и ги повика да се вратат на работа со „целосна доверба“.

Членка на талибанската администрација Енамулах Самангани во телевизиско интервју за авганистанската државна телевизија, која сега милитантите ја контролираат, ги повика жените да се приклучат на владата, наведува Асошиејтед прес.

„Исламскиот емират не сака жените да бидат жртви. Структурата на владата не е целосно јасна, но врз основа на искуството, треба да има целосно исламско раководство и сите страни да се приклучат “, рече, Самангани во интервјуто.

Кои се Талибанците и како функционираат?

Утринава улиците низ Кабул беа тивки, додека ситуацијата на аеродромот беше подобрена, овозможувајќи ги летовите што беа прекинати вчера затоа што илјадници исплашени Авганистанци го преполнија аеродромот во очајнички обид да ја напуштат земјата откако Талибанците го зазедоа главниот град а владата падна по бегството на претседателот Ашраф Гани.

Хаосот на аеродромот во Кабул низ фотографии

Најмалку седум лица загинале во нередот, иако не е јасно дали биле застрелани или пак подлегнале на повреди настанати од човечко стампедо. Хаотичните сцени ги натераа американската војска и меѓународните сили привремено да ги прекинат летовите за расчистување на аеродромот.

Џонсон: никој не смее да ја признае владата на Талибанците


Меѓутоа, новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на сведоци јавува дека повремено се слушаат истрели од правец на аеродромот - во моментов единствената излезна точка е отворена за западните сили од Авганистан, а повеќето земји ги затвораат своите амбасади.

Министрите за надворешни работи на Европската унија и амбасадорите на НАТО денеска ќе одржат итни состаноци во Брисел на кои ќе разговараат за плановите за евакуација и ситуацијата воопшто во Авганистан.