Македонската влада, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, денеска ќе расправа за предлогот на Комисијата за заразни болести за влез и излез од земјава, и за граѓани на Македонија како и за сите други земји, да се бара или потврда за примена вакцина против ковид-19, или негативен ПЦР тест или потврда за прележана болест но само во првите 45 дена сметајќи од денот на оздравување. Министерот најави дека Владата ќе решава и за тоа од кога би важела оваа мерка. Министерството за здравство најави дека ќе се разговара за дополнителни локални рестрикции за Тетово, каде има силен наплив на болни во болниците, но Филипче денес кажа дека засега нема нови мерки.
Нови 296 случаи со ковид-19 и 8 починати лица
Комисијата и оваа недела ќе ја следи ситуацијата, а се размислува да се ограничи работното време на локалите и да се редуцираат местата во јавниот превоз. Според Филипче здравствените институции се соочуваат со силен бран на коронавирус. Во однос на вакцинацијата во земјава, вакцинирано е 35 отсто од населението и околу 4.000 деца на возраст до 18 години. Тој најави и дека Националниот комитет за имунизација ќе препорача трета доза вакцина за пациенти со имунокомпромитирачки болести.
Владата денеска ќе одлучи за предлогот на МОН, школската година да започне со физичко присуство, искажан на вчерашната седница на Главниот координативен кризен штаб. По разгледувањето на актуелната епидемиолошка состојба во државата, на состанокот на КШ е оценето дека се создадени услови новата школска година да започне со физичко присуство на учениците со одделни исклучоци.