Најмалку седум лица загинаа денеска откако илјадници Авганистанци бегајќи ги преплавија пистите и терминалите на аеродромот во Кабул во услови на хаос откако талибанските милитанти ја презедоа контролата врз земјата по повлекувањето на коалиционите сили предводени од САД.
Пентагон соопшти дека американските војници убиле две лица откако тие „заканувачки“ мавтале со оружје. Засега нема информација за тоа како загинале останатите петмина, но видеото од аеродромот покажува стотици луѓе кои се обидуваат со сила да влезат во авион во движење, а некои пак се држеле до опремата за слетување додека авионот се обидувал да полета.
Американските власти соопштија дека војниците испукале неколку предупредувачки истрели во воздух за да се обидат да ги растераат толпите околу авионот кој требало да полета, а во кои се сместени американските дипломати и персоналот на амбасадата. Тие соопштија дека биле принудени привремено да го затворат аеродромот за да го воспостават редот и да го исчистат аеродромот за да можат да продолжат летовите.
- Талибанците се вратија, што натаму?
- Македонија ќе прифаќа бегалци од Авганистан кои работеле за меѓународни организации
- Заев: Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан
Авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа јавува дека за разлика од ситуацијата на аеродромот, улиците во главниот град се главно мирни, додека талибанските војници патролираа во главниот град. Дипломатската „Зелена зона“ во Кабул изгледа како град на духови од каде многу држави брзаат да ги евакуираат своите дипломати и вработени во амбасадите.
„Авганистан се наоѓа на крстопат. Безбедноста и благосостојбата на нејзините граѓани како и меѓународната политика се во игра“ изјави еврокомесарот за надворешни работи Џозеф Борел пред новинарите. Утре ќе се одржи вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија во Брисел.
Европските официјални претставници преговараат со лидерите на 27те земји членки на Унијата да издадат визи за авганистанските работници во мисијата на блокот во Кабул за нив и нивните семејства. Се претпоставува дека станува збор за околу 600 луѓе.