Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска на вонредниот состанок го повика Советот за безбедност да ги искористи „сите алатки“ што ги има за да гарантира дека ќе се почитуваат човековите права во Авганистан откако талибанските милитанти ја презедоа контролата врз земјата. Заземање на Кабул од Талибанците откако тие освоија поголем дел од територијата на државата, предизвика стравувања дека милитантната група ќе избрише скоро две децении напредок во човековите права и слободи.
"Добиваме застрашувачки извештаи за строги ограничувања на човековите права низ целата земја. Особено сум загрижен од извештаите за зголемените прекршувања на човековите права врз жените и девојките во Авганистан. Не можеме и не смееме да го напуштиме народот во Авганистан", изјави Гутереш пред 15-члениот Совет за безбедност на денешниот вонреден состанок.
Во периодот од 1996-2001 година, кога власта во Авганистан ја имаа Талибанците на жените им беше забрането да работат, на девојчињата не им беше дозволено да посетуваат училиште, а жените мораа да ги покриваат лицата и да бидат придружувани од маж доколку сакаа да излезат надвор од своите домови.
- Талибанците се вратија, што натаму?
- Кои се Талибанците и како функционираат?
- Талибанците влегоа во Кабул откако претседателот го напушти Авганистан
Авганистанската влада „падна“ со бегството на претседателот Ашраф Гани, ден пред целосно заземање на Кабул од Талибанците. Во објава на Фејсбук, претседателот Ашраф Гани вели дека ја напуштил земјата за да се избегнат судири со Талибанците што ќе загрозат милиони жители на Кабул.