Организаторите на параолимписките игри во Токио забранија публика на настаните, бидејќи Јапонија се соочува со нов силен бран на инфекции со ковид-19 и покрај рестриктивните мерки во неколку делови на земјата.
На локалните општини се уште ќе им биде дозволено учениците да присуствуваат на дел од настаните додека се спроведуваат соодветни безбедносни мерки за заштита од ковид-19, истакнаа организаторите. Тие посочуваат дека децата ќе бидат дел од публиката само „ако локалните власти или училишните администрации бараат со тоа да одговорат на желбите на родителите и другите "
Оваа одлука донесена денеска за Параолимписките натпревари што ќе се одржат од 24 август до 5 септември беше очекувана и следи по слични на неа правила за неодамна завршените Олимписки игри. Јапонија се соочува со нов бран случаи на коронавирус и вонредни состојби се воспоставени во шест региони.
Претседателот на Токио 2020 Сеико Хашимото се извини за овој потег, повикувајќи ги луѓето да го гледаат натпреварот дома и да избегнуваат присуство на настани на параолимписките натпревари.
„Искрено им се извинуваме на сите кои веќе набавиле билети и кои со нетрпение очекуваа да ги гледаат во живо натпреварите, но ве молиме разберете дека беше неизбежно да се спроведат овие мерки за да се спречи ширењето на инфекцијата“, рече Хашимото.
Натпреварите вклучуваат пливање, пинг -понг, мечување во инвалидска количка и кошарка, а на Параолимпијадата треба да учествуваат над 4.000 спортисти со различни пречки.
Јапонија на дневна основа регистрира по над 20 илјади нови случаи на заболени со ковид-19 во изминативе неколку денови.