Сите регистрирани македонски граѓани во Авганистан се безбедни и се работи на нивна брза евакуација, соопшти македонската владина служба. Во нивното соопштение е наведено дека Северна Македонија се приклучува на глобалната хуманитарна мисија за спас на локалното население.
„Владата на Република Северна Македонија со внимателност ја следи ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД. Владата е во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Северна Македонија. Во овој момент имаме информации дека сите наши регистрирани граѓани се безбедни и дека не се наоѓаат во загрозувачка ситуација“ се вели во владиното соопштение.
- Македонија ќе прифаќа бегалци од Авганистан кои работеле за меѓународни организации
- „Немамеизбор“: илјадници Авганистанци бегаат пред талибанците
Претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека од аеродромот во Кабул 25 македонски државјани треба да заминат со американски воен авион, а се очекува евакуација на уште 50 други граѓани од Авганистан каде што во изминативе 72 часа безбедносната состојба нагло се влошува.
„Од околу 50 граѓани кои утрово беа на аеродрмот во Кабул, половина или 25 се наоѓаат веќе на воениот терминал и се регистрирани за следниот лет со воен авион на американската армија и ќе бидат упатени за Доха, Катар, од каде нивниот пат за враќање дома е неспорен. Останатите околу 25 наши граѓани се упатени на следниот лет и во моментов работиме за нивна регистрација и потоа евакуација директно од аеродромот во Кабул. Располагаме со информација за уште 25 граѓани кои се наоѓаат во американската база во Кабул, која се наоѓа во непосредна близина на аеродромот. Тие се безбедни и во моментов се на листа на чекање за да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани“ изјави на прес конференција Османи.
Од Владата посочуваат дека што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.
Од Владата најавуваат дека пристигнувањето на овие граѓани од Авганистан во земјава може да се очекува следните неколку денови.
„Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје после што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од КОВИД-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани“ се вели во соопштението.
Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.
Целиот демократски свет се солидаризира со хуманитарната катастрофа која му се заканува на локалното авганистанско население, а Северна Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, се вели во соопштението.