Земјите повикуваат на безбедно заминување од Авганистан

Американски војник вперува оружје кон авганистански патник на аеродромот во Кабул. 16 август 2021 година .

Талибанските војници денеска патролираа по улиците на авганистанскиот главен град Кабул, додека десетици влади повикаа на смиреност за да се дозволи заминување на стотици странски државјани и Авганистанци кои сакаат да ја напуштат земјата, откако милитантите викендов ја соборија владата поддржана од Западот.

Илјадници очајни жители на Кабул го нападнаа градскиот аеродром обидувајќи се да избегаат од тврдокорниот исламистички начин на владеење, откако земјите го намалија своето присуство во земјата зафатена од војна, а некои нации целосно ги затворија своите амбасади, во услови кога заврши 20-годишното владеење на од коалицијата предводена од САД.

Американските војници ја презедоа контролата врз меѓународниот аеродром во Кабул, каде што денеска беа прекинати комерцијалните летови, блокирајќи ги Авганистанците и другите странски државјани кои сакаа да побегнат.

„Продавниците се отвораат повторно, некои луѓе излегуваат од домовите и животот се враќа во нормала, но други се загрижени за нивната иднина“, вели дописникот на Радио Слободна Европа од Авганистан.

Владата падна со претседателот Ашраф Гани кој на 15 август избега во странство, кога Талибанците го зазедоа Кабул - последниот голем град во Авганистан кој се спротивстави на офанзивата на Талибанците, којашто се забрза во рок од неколку дена откако брзо беа заземени териториите низ целата земја.

Повикувајќи се на „влошената безбедносна состојба“ во Авганистан, во заедничката изјава на повеќе од 60 земји се вели дека „оние што се на позиции на моќ и авторитет низ Авганистан носат одговорност и отчетност за заштитата на човечкиот живот и имот и за непосредна обнова на безбедноста и граѓанскиот ред“.

Во соопштението, објавено на веб -страницата на американскиот Стејт департмент, се вели дека „патиштата, аеродромите и граничниот премин мора да останат отворени и да се одржи мирот“.