Кризниот штаб: Создадени се услови за настава со физичко присуство

Ученици во основно образование.

Создадени се услови за почетокот на новата учебна година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во одлука што ќе биде донесена на наредната владина седница.

Ваква оценка денеска беше дадена на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) кој го водеше премиерот Зоран Заев, по предлогот на Министерството за образование и наука.

Според членовите на ГККШ, во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство е големиот број на вакцинирани наставници и училишен кадар.

„Во моментов 60 проценти се вакцинирани, а се очекува од септември зголемување до 80 отсто вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата“, соопшти Владата.

Во владиното соопштение се додава дека во оваа насока се и протоколите изработени од епидемиолози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата.

На состанокот било заклучено дека и кај вработените во градинките и останатиот пероснал продолжува вакцинацијата и дека досега се вакцинирани 60 проценти.