САД и европските земји ги евакуираат своите амбасади во Кабул, додека талибанците влегоа во предградието на главниот град и како што тврдат, чекаат мирно предавање на власта.
Американски функционер изјави дека американските дипломати со воени хеликоптери се префрлаат на аеродромот во Кабул, каде што ќе останат што е можно подолго имајќи ги предвид безбедносните услови, пренесува АП.
Италијанското Министерство за надворешни работи потврди дека персоналот од амбасадата на Италија бил пренесен на аеродромот. Тие наведуваат дека ќе бидат евакуирани околу 50 италијански и 30 авганистански службеници со членови на семејствата.
Италијанскиот министер за одбрана изјави дека 228 Авганистанци и нивните семејства веќе се префрлени во Италија, нарекувајќи го тоа „морална должност“ да ги заштитат оние што работеле со Италија и кои ќе се соочат со одмазда од талибанците.
Авионот со персоналот на италијанската амбасада тргна од Кабул синоќа.
Германија испраќа воени транспортни авиони во Кабул за денеска да ги евакуира вработените. Ќе биде евакуиран и локалниот авганистански персонал кој работи за германската амбасада.
Британските медиуми пренесуваат дека амбасадорот на Велика Британија во Авганистан ќе биде префрлен со авион од земјата до понеделник вечер, поради страв дека талибанците наскоро би можеле да го преземат аеродромот.
Минатата недела британското Министерство за одбрана соопшти дека 600 британски војници биле распоредени во Кабул за да помогнат во евакуацијата на околу 3.000 британски државјани и околу 2.000 Авганистанци кои соработувале со британските сили.