Европската комисија до денеска ѝ даде рок на Полска да ја распушти Дисциплинската комора, за која ЕУ вели дека се користи за притисок врз судиите или за вршење политичка контрола врз судските одлуки, и ги прекршува законите на Европската унија. Тоа може да резултира и со финансиски казни против земјата. „Ќе ја распуштиме Дисциплинската комора и на овој начин предметот на спорот ќе исчезне“, рече Јарослав Качински, шеф на владејачката партија „Право и правда“ и вицепремиер, во интервју објавено во саботата за државната новинска агенција ПАП. Под партијата „Право и правда“ Полска се судри со ЕУ на повеќе фронтови, како што се независноста на медиумите и правата на мигрантите, жените и хомосексуалците.
Владата на Полска се подели околу контроверзниот закон за медиуми
Некои правни експерти велат дека распуштањето на Дисциплинската комора би била козметичка промена што нема да биде доволна за да се задоволи највисокиот суд на ЕУ. „Самото распуштање на Дисциплинската комора не го решава проблемот со минатите, незаконски одлуки и санкции донесени од ова тело“, рече Лоран Пех, професор по европско право на Универзитетот Милдсекс, Лондон, додавајќи: „Ако сакаат да се придржуваат кон правото на ЕУ, тоа е прилично едноставно. Мораат да го поништат сето она што го направија во изминатите пет години, нема друг начин“.