Министерот за здравство Венко Филипче денеска порача дека протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Граѓани денеска под мотото “Стоп за одземање на слобода” протестираа против новите мерки за спречување на ширењето на Ковид-19 кои утре стапуваат на сила.
„Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот. Ако порано за бенефитот од вакцините слушавме само од вестите од светот или читавме во медицински студии, денеска веќе можеме да го потврдиме, со она што се случува кај нас. Фактот што дури 90 отсто од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините“, порача Филипче.
Вакцините, според министерот, освен што се ефикасни, се исто така безбедни.
„Преку 1.000.000 дадени дози кај нас, без посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден граѓанин, се непобитен доказ за нивната безбедност. И покрај овие цврсти аргументи про вакцинацијата, таа останува доброволна. Секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација ја манипулира јавноста. Никој не е присилен на ништо, обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки. Јас разбирам дека се уште има страв и двоумење кај одреден дел од граѓаните и тоа воопшто не е за осуда. Покрај заштита на здравјето, наша должност како Влада е да ги информираме граѓаните за придобивките од вакцинацијата и тоа ќе продолжиме да го правиме“, додава Филипче.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој им порачува на оние кои се уште се двоумат или одбиваат да се вакцинираат да им веруваат на стручните лица и нивните доктори, но, и на блиските кои имале искуство со Ковид 19.
„Колективниот имунитет ќе ја намали опасноста од преполнување на болниците и ризикот од тешка форма на болеста. Со тоа, ние веќе ќе се вратиме во нормала. На многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара ковид серитификат за влез на различни масовни настани или во угостителски објекти. Тоа никој не го смета за дискриминација, туку одговорност и заштита на јавното здравје. Верувам дека никој не сака, ова да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските“, истакнува министерот.
Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, односно најмалку прва доза за влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за вакцинација важи само за полнолетните граѓани. Новите мерки нема да важат за лица со потврда за прележан ковид, но само по 45 дена откако оздравеле.