Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека ги информирале САД дека властите стојат на располагање да помогнат со бегалците од Авганистан.
„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан“, изјави Заев на прашање на ТВ21 околу тоа дали бегалци од Авганистан ќе бидат сместени во Северна Македонија и дали има некое барање од државните сојузници.
Тој порача дека за таа цел ќе обезбедат сместување, при што трошоците за време на престојот на бегалците, до трајната дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.
„Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи“, посочи Заев.
Во меѓувреме авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напуштил земјата, додека талибанските милитанти влегоа во Кабул, единствениот голем град што беше во рацете на владата. Портпаролот на милитантната група соопшти дека талибанците им наредиле на своите борци да влезат во градот за да спречат грабежи откако локалната полиција ги напуштила нивните места. Талибанција ветија дека нема да го заземат главниот град на сила.
Албанија го прифати барањето на САД за привремен прием на Авганистанците кои ја напуштаат својата земја, пред брзите напредувања на талибанците. Премиерот Еди Рама на Фејсбук денеска порача дека американската администрација неодамна ја повикала Албанија да процени дали може да послужи како транзитна земја за голем број авганистански бегалци чија крајна дестинација се САД.