Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги отфрли споредбите помеѓу американското повлекување од Кабул и хаотичниот излез по војната во Виетнам во услови кога талибанците ја опколија авганистанската престолнина. Коментарите на Блинкен дојдоа откако Русија соопшти дека работи со други земји за одржување итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Авганистан, откако талибанците ќе го завршат военото преземање на земјата зафатена од војна.
„Ова не е Сајгон. Фактот е: пред 20 години отидовме во Авганистан со една мисија на ум. Тоа беше да се справиме со луѓето што не нападнаа на 11 септември. Таа мисија беше успешна“, изјави Блинкен.
Естонија и Норвешка побараа состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за Авганистан што е можно поскоро. Во меѓувреме, службеникот на руското Министерство за надворешни работи, Замир Кабулов денеска рече дека Москва „работи“ со другите за да закаже итен состанок. Русија е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, заедно со САД, Велика Британија, Франција и Кина.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска требаше да одржи дополнителни кризни преговори за Авганистан, соопшти неговата канцеларија, откако тој го отповика парламентот од летниот распуст.
Џонсон на 13 август вети дека Велика Британија нема да му го „сврти грбот“ на Авганистан, иако го потврди непосредното повлекување на повеќето вработени во амбасадата во услови на брз напад на талибанците.
Во меѓувреме, НАТО соопшти дека „помага да се одржат операциите на аеродромот во Кабул за да се задржи Авганистан поврзан со светот“.
Претставник на НАТО истакна дека политичкото решение на конфликтот е „сега поитно од кога било“. Според извештаите талибанските милитанти влегле во главниот град на Авганистан, Кабул. Официјални лица за новинаската агенција Ројтерс изјавиле дека милитантите доаѓаат „од сите страни“, но, нема извештаи за борби.
Портпаролот на Талибанците соопшти дека се во преговори со владата за мирно предавање на Кабул. Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Абдул Сатар Мирзаквал изјави дека армијата ја задржала контролата врз градот и дека власта ќе биде предадена на привремена трета страна.